Heraldika

Парадоксално е, меѓутоа, точно: од навлегувањето на Османлиите во Македонија, по Маричката битка, во 1371 година, па се до 70-тите години на минатиот век, на просторот што Македонија го зафаќаше имаше 13 буни, десет востанија, 16 проекти за востанија и 12 обиди за буни и востанија или вкупно 51 форма на вооружен отпор, што значи дека на Балканот и пошироко нема народ како македонскиот, кој толку се борел против турското владеење, а, сепак, најдоцна се ослободил од него и тоа, за жал, само во еден дел од татковината. Веќе во првата половина на 15. век во Анадолија и на Балканот се случиле три големи востанија, што не ја одминале Македонија: првин, востанието на Муса Челеби (1409-1413), син на Бајазит Први, кој се обидувал да дојде на престолот на Империјата, потоа на шеикот Бедредин (1416) и на Дузме Мустафа (1416-1432). Востанијата имаа турско обележје, беа организирани од Турци, меѓутоа, во нив учествуваа и христијани од Балканскиот Полуостров, Македонци, исто така. Востаниците не еднаш поминаа низ Македонија и не еднаш одредени значајни етапи од развојот на востанијата се одиграле и на македонскиот простор.

Првиот проект за востание на христијаните на Балканот, со кое би се потиснала турската сила од оваа територија, го поднел Бертаден д'ла Брокиер до папата во 1433 година. Во него патеписецот Брокиер кој, патем, бил дури до Ерусалим и преку Балканскиот Полуостров се вратил назад, ги повикува христијанските европски држави со војна да ги ослободат христијаните под турска власт, сметајќи притоа и на нивното кревање на нозе. Тој во проектот ги набројува балканските христијански народи и тоа: Грци, Бугари, Македонци, Албанци, Словени, Власи, Рашани (Срби) и други, кои "ја мразат турската управа". Се забележува дека Брокиер шеесетина години по Маричката битка јасно го одделува македонскиот народ од другите балкански народи.

Неполни 30 години потоа (1461 или 1462) венецијанскиот пратеник во Рим, Павле Мавроцен, во својот проект за ослободувањето на христијанскиот Балкан од турското владеење, по поразот на Турција од страна на европските сили, предвидува и масовна поддршка на балканските земји Бугарија, Србија, Босна, Македонија, Епир, Тесалија, Грција и Пелопонез на европската акција. Одделувањето на Македонија и Македонците во проектот од другите балкански народи е евидентно. Година-две по проектот на Мавроцен, лично папата Пие Втори (1463) направил проект според кој Турција требало да биде потисната во Анадолија, а Македонија да биде приклучена на Скендер-беговата држава.

Востанието на Скендер-бег и борбите за осамостојување на албанската држава не можат а да не се одразат и на состојбите во Македонија, дотолку повеќе што во тие борби учествувале и Македонци и Власи од Македонија и што обидите на Турција да го скрши албанското движење или почнувале во Македонија, или, пак, оделе, со опустошување и грабеж, преку нејзината територија. На пример, во септември 1446 година турска армија од 10.000 души тргнала кон Кроја да го задуши бунтот на Албанците. Војската поминала низ Македонија пустошејќи се на својот пат и се стационирала во Долен Дебар. Во август 1464, турска војска од околу 14.000 војници, се судрила со силите на Скендер-бег кај Охрид и била поразена. Лут заради поразот, султанот Мехмед Втори, собрал нова војска, која тргнала откај Битола кон албанските планини. Освојувајќи ги клисурите и македонските и албанските, војската, навистина, давала многу жртви, ама притоа и нејзината освета врз она што ќе с застанело на патот не била кротка. Кога летото 1465 година Скендер-бег го одбил нападот на Кроја, Турците во панично бегство од Албанија, за својот пораз жестоко му се одмаздувало на невиното албанско и македонско население низ чија територија поминувале. Една година подоцна, по неуспешниот обид да ја освои Албанија, Мехмед Втори на враќање, во Охрид, сомневајќи се дека црквата, болјарите и, веројатно, граѓаните, шуруваат со останатите Албанци, го сменил охридскиот архиепископ Доротеј и за нов епископ го наименувал Гркот Марк Ксилокаров. Имотот на оние Македонци што ги депортирал во Анадолија им бил одземен и разделен на новодојдените Турци.

Последните две години пред дефинитивно сите албански градови да потпаднат под турска власт, во 1478 и 1479 година, покрај големиот број Албанци и забележителен број Македонци, од Охрид и Охридско, од Дримкол и Дебарско, како и од областите во Албанија: Голо Брдо, Мат, Чемерика и Девол, емигрирале во Италија. Петстотини години стари преданија тврдат дека од Охрид, Локов и Вевчани околу 3.000 луѓе, Македонци, кои тогаш емигрирале во Јужна Италија, на Сицилија. Постои пишан документ дека и од селата Збажде и Горно Ливаѓе, Струшко, некои луѓе емигрирале во Италија.

Буните во Македонија продолжиле и во 16. век. Започнатата во 1560 година буна на Македонците, Албанците и Власите, траела се до 1595 година. Речиси, истовремено (во 1560 година) дошло до бунтување на Албанците и Македонските Словени во дебарската нахија. Бунтот зафатил доста големо подрачје, од Охридското Езеро до Кроја во Албанија, подрачје за чии села во документите е речено дека "од старина се прочуени со бунт". На овој простор живеело, и тоа во голем број, словенско население. Бунтот продолжил, речиси, 50 години - се до 1609 година.

Прва самостојна буна во Македонија во која учествувало само македонско население е буната од 1564 година, избувната во Мариово. Воислав Радовановиќ буната ја окарактеризирал како "претходник на народноослободителното движење на балканските народи во целата низа востанија што ќе се јават во втората половина на 16. век". Водачите на овој вооружен селски отпор биле Димитри Столе од с. Сатока, попот Димитри од с. Градешница, Матјо Никола од с. Бешиште, Стојан Пејо и попот Јако од с. Стараварина... "Поради нив, се вели во еден од трите документи, оној од 3 октомври 1564 година, за оваа буна зимиите од споменатата нахија се бунтувале и му откажале послушност на шеријатот". Се претпоставува дека буната започнала во август или во септември во 1564 година и, веројатно, траела и по 4 декември 1565 година, кога била издадена нова наредба во која се настојува да се фатат нејзините петмина водачи. Од овој документ се гледа дека на Мариовската буна с се придружиле и прилепчани:

"Пред вратата на судницата се кренале повеќе од илјада неверници, секој со по еден стап во рацете и камења во пазувите. Кога се обиделе да влезат внатре, бидејќи бил петок, повеќето од муслиманите се наоѓале пред вратата на судницата и ги совладале неверниците", стои во документот.

Не се знае како завршила оваа буна. Во секој случај, таа била поттикнувач на нови организирани и вооружени протести против турската власт. Во некои документи е забележано дека селаните од повеќе мариовски села во периодот 1662-1665 година, иако биле закрепостени за земјата, сепак, бегале по поголемите места. Со наредба од април 1665 година било наредено: "...рајата која се разбегала и била запишана во дефтерите принудно пак да се насели во старите места". Ситуацијата се повеќе се влошувала. Има повеќе документи од пред 1678 година за тоа оти во Битолско и Прилепско, вклучително и во Мариово, ајдутството земало се поширок замав. Кон средината на номеври 1688 година војводата на Мариово, Мехмед, се жалел дека сета раја на неговиот хас се бунтувала. Во втората половина на септември идната година во извештаите од соседните нахии до Истанбул, се вели дека "рајата од нахијата Мариово, која припаѓала на прилепската каза, се буни, ги отворила бајраците, напаѓа куќи во селата и градовите, убива луѓе, пљачка имоти и "прави бунт"."

Нема податоци како завршило и ова второ мариовско бранување, меѓутоа, фактот дека неговото продолжување временски се поклопува со Карпошовото востание, пружа можност да се претпостави дека тоа со него течело напоредно, меѓутоа некоја директна врска меѓу нив немало.

Во 1683 година Турците се најдоа пред Виена. Беше прашање на недели кога австриската престолнина ќе падне. И тогаш се случи неочекуваното: помогната од некои европски сили, Австрија им зададе тежок пораз на Турците. Нејзината армија, предводена од генералот Пиколомини, почна да напредува и длабоко навлезе на териториите на Османлиите - дуги до Скопје. Известувајќи го царот Леополд за својот поход во внатрешната на Османлиската империја, генералот, по излегувањето од Качаничката Клисура, а пред да го заземе Скопје, ќе му напише: "Видовме пред себе широко поле во чија средина лежеше градот. Пашата беше готов за одбрана, положбата беше опасна, само решителноста даваше можност за среќен исход, но нас не бодреше поздравувањето на жителите од сртовите на планините... Тогаш Турците се дадоа во бегство. Бидејќи се чував од заседи, наредив непријателот да се прогонува внимателно. Тогаш беа спасени 200 коли со христијански семејства и повеќе Турци беа заробени".

Пиколомини влегол во Скопје на 26 октомври 1689 година: градот бил празен, зашто неговите жители избегале од него и заради чумата што тогаш беснеела во Скопје, а и заради напредувањето на Австријците. Во еден документ пишува: "Го оставивме зет ми Јосиф Цура, кој умираше, болен од чума, со памук во устата, и избегавме од страв пред непријателот кој настапуваше кон Скопје..." Турскиот хроничар Силахдар ќе забележи: "Сите тие, а особено жените, се откажаа од своите имоти и покуќнина. Пешачеа или се качуваа на коњи и коли и без ништо побегнаа во поблиските планини. Повеќето од нив беа заробени. Мнозинството од старците, мажите и жените, ги убија своите деца. Безбрижниот паша и неговите приврзаници побегнаа кон Сер и Софија".

Австријците влегоа во Скопје и без да обрнат внимание на болеста, ги ограбија богатите дуќани и магацини. Лично Пиколомини тоа скапо ќе го плати: на 9 ноември 1689 година, заразен од чумата, ќе умре во Призрен. Пред тоа, немајќи доволно луѓе да го зачува градот, тој ќе нареди да се запали Скопје: "Ми беше жал за зградите, ќе го информира тој својот император, какви што во оваа војна уште не бев видел. Цамии од најфин мермер и порфир со илјадници кандила и позлатени корани... потоа убави старини, градини и места за забава... Меѓутоа, за да не му оставам на непријателот нешто што може да се зачува, а и стравот и трепетот... да го раширам, се решив да ја извршам оваа работа: по сите градски ќошиња беа поставени луѓе со гламњи. На знакот од три топовски истрели се вивна пламен и чадот го помрачи сонцето на 26 октомври и другиот ден..."

Востанието на обесправената раја во североисточна Македонија, на просторот меѓу Ќустендил и Скопје, со седиште во Крива Паланка, е резултат на засиленото ајдутско движење во Македонија и користењето на хаотичната состојба во Османлиската империја. Освен тоа, и напредувањето на австриската војска во внатрешноста на Империјата, најверојатно, го поттикна населението да се крене против поробувачот. Востанието е кренато во втората половина на септември или во октомври 1689 - податоци за точната дата нема.

На чело на востанието застана ајдутскиот арамбаша Карпош. Првиот податок за оваа легендарна личност потекнува неколку години пред востанието: турскиот хроничар Рашид запишал: "Во последниве неколку години се појавил некој проклетник наречен Карпош, кој раководел со ајдутските разбојници". Пролетта 1689 година, тој бил познат арамбаша кој дејствувал на Деспот Планина, во западниот дел на Родопите. По два обида да се ликвидира Карпош, доаѓа до неочекуван пресврт: со наредба на султанот, издадена меѓу 26 септември и почетокот на октомври, довчерашниот ајдутин Карпош, откако нему и на неговите луѓе им било простено ајдутувањето, бил поставен за началник (мартолозбашија) на мартолозите - турски стражари, од Ќустендил, Скришник и Радомир. Нешто подоцна Карпош го добил звањето башбог, што значи станал командант на сите турски стражи од Штип, Радовиш, Велес, Дојран, Сер, Неврокоп, Разлог, Петрич и Мелник. Основна задача на мартолозите била да ги чуваат влезовите во клисурите и да се борат против - ајдутите!

Не се познати причините зошто ајдутинот се свртел против своите, како што не се знае зошто веднаш потоа сега, веќе како турски службеник, се кренал против самите Турци. Хроничарот Силахдар ќе запише: "... неверникот наречен Карпош, еден од мортолозите на Скопје, кој се издигна со милоста на падишахот и на крајот се заборави, побегна и стана главатар на дружина, која броеше повеќе од три илјади немуслимански разбојници од редовите на бунтовната раја..."

Освојувањето на Крива Паланка, дотогаш најсилно турско утврдување во областа, ги охрабрило востаниците. Тие потоа го освоиле Куманово и го оградиле со ровови, а и ја прошириле својата слободна територија кон Ќустендил и Скопје. Австрискиот цар Леополд Први го признал движењето на македонските востаници, а Карпоша го прифатил како "крал на Куманово", испраќајќи му калпак, како потврда на тоа признание. Може само да се претпостави дека востаниците го зазеле и Кратово и тргнале кон Скопје. Според записите на Силахдар и Дефтердар може да се извлече заклучок дека тие го држеле градот по повлекувањето на австриските војски од него. А и историчарот Узунчаршили во 1954 година пишува, консултирајќи повеќе турски извори, оти "околу Скопје, еден христијанин, османлиски државјанин, на кого османлиските историчари му го дале името Карпуз, се осмелил да создаде држава". Според она што постои како податок може да се реконструира територијата што ја држеле Карпошовите востаници: од Качаничката Клисура и Велес до пред Ќустендил и од Грделичката Клисура до Штип. Ова била прва слободна територија по доаѓањето на Турците на овој простор. Таа се одржала, се на се, околу шест недели.

Кон крајот на октомври Турција решила да ја стабилизира ситуацијата на фронтот и во таа смисла биле извршени и некои кадровски измени, а напомош бил повикан и татарскиот хан од Крим, Селим Гирај. На советувањето во Софија на 14 ноември 1689 година, било решено да се тргне на востаниците, кои заради големата непријателска сила, сами ја напуштиле Крива Паланка, откако претходно ја запалиле, и се повлекле во Куманово. Битката пред новоизградената кумановска тврдина била жестока и краткотрајна: востаниците биле поразени. Поголем дел од нив биле убиени. Со заробените востаници од градот, меѓу кои бил и Карпош, кој, според хрониките, се борел до последните сили, татарскиот хан тргнал кон Скопје, во кое влегол мошне лесно, зашто тоа немало бранители - неколкуте стотина востаници што се задржале во него се разбегале штом слушнале за поразот и за големата турска воена сила што се упатила кон градот.

Страшен пустош останувал таму каде што минувале Татарите. Селим Гирај, меѓу Куманово и Скопје, уништил, речиси, се што е христијанско. Со иста жестина се однесувал и при чистењето на востаниците во Тетово, Велес и Мариово. Од југ, пак, кон Скопје, грабела многубројна турска војска од Пелопонез на чело со Арнаут Коџа Халил-паша. Арнаутската војска не била ништо понежна кон месното население, таму каде што поминувала. На едно евангелие од манастирот Трескавец сочуван е запис од 1690 година, кој гласи: "Тогда разби Халил паша со војска Скопје и Качаник и сече Скопска нахија. Тогда беше тешко зло и скапија". Султанот, задоволен од успехот на Хилми паша и на неговите Арнаути, а игнорирајќи ги воените заслуги на татарскиот хан, издал два фермана со кои на албанските наемници им е поделена земја во Скопско и Тетовско, во знак на благодарност за тоа дека "легендарните и храбри бегови од вашите подрачја, кои што со слава и чест на најмоќната вера и на славното мое владателство, секојпат го покажувале своето извонредно пожртвување". Насилствата на Халил паша отишле дотаму што Портата со специјален ферман побарала да ги намали злосторствата и да го "земе на одговорност Хасана, собирачот на државните приходи", кој ја злоупотребил службата при прибирање-то на даноците. Еден монах од манастирот Дечани ќе остави ваков запис: "Оф! Оф! Оф! Леле за мене! Лут страв и беда беше тогаш, мајка од деца разделуваа, а од таткото од синот. Младите ги заробуваа, а старите ги сечеа и давеа. Тогаш луѓето смртта ја викаа, а не животот од проклетите Турци и Татари! Олеле, за мене лути таги..."

Безразлично што крајот на востаничкиот војвода е различно опишан, повеќе хроничари се единствени: Карпош, заедно со околу 200 соборци, е набиен на колец на Камениот мост во Скопје, потоа неговото тело го расчеречиле Татарите со своите сабји, а остатоците биле фрлени во Вардар. Тоа се случило во првите денови на декември 1689 година.

На 6 април 1890 година, Леополд Први испратил апел до балканските народи, меѓу кои и до македонскиот, повторно да се кренат против Турците и да ги помогнат Австријците. Дваесет дена потоа австрискиот цар упатил Заштитно писмо до македонскиот народ. Во него Леополд се повикува на искажувањата на Македонците Марко Кранда од Кожани и Димитри Георги Поповиќ од Солун, за тоа "колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело, а со жар и ревност кон нашата служба, со сериозна намера сака да премине од преголемиот турски јарем под наша заштита, доколку му биде дадена нашата милост". "Поради тоа, нагласува царот, милостиво го прифаќаме и го примаме под наша царска и кралска милост на секој начин и вид гореспоменатиот македонски народ, љубезно признавајќи им на сите наши воени заповедници да не го напаѓаат македонскиот народ, ниту да му причинуваат непријатности, туку, според силите, секогаш и во секоја околност, да го заштитуваат, бранат и да му помагаат".

На 31 мај 1690 година Леополд Први издал уште еден апел во кој ја проширил својата заштита на населението на Бугарија, Србија, Македонија и Албанија и го повикува да застане под австриското знаме во борбата против турското иго.

Во некој поконкретен ефект на овие заштитни писма на австрискиот цар врз расположението на македонското население тешко е да се поверува. Што не значи дека тоа се помирило со турското ропство и угнетувањето. Според некои турски записи, само триесетина години по задушувањето на Карпошовото востание, во 1707 година, во велешката каза се појавиле толку многу ајдути, што властите, за да го неутрализираат ајдутското движење, и да ја потсечат неговата врска со народот, во седум тамошни села населиле по четириесетина Албанци. Па и таа бројка им се сторила мала, та набргу се издадени наредби за нови населувања. Во еден друг документ е забележано дека Егри Дере (Крива Паланка) е мошне опасен премин и за безбедноста крајно несигурен, па е донесена одлука 64 мартолози да ги чуваат од ајдутите и разбојниците премините и патиштата. Ова се случува на територија каде што пред триесетина-четириесет години се одиграа драматичните настани врзани со востанието на Карпош, што говори дека наспроти теророт, насилствата и општото пустошење, ситуацијата не се смирила и не влијаела на нарушување на континуитетот на вооружената борба на македонскиот народ.

Во втората половина на 16. век и Охридската архиепископија се вклучила, најдиректно, во отпорот против османлиската власт. До 1557 година, кога е основана Пеќката патријаршија, под јурисдикција на Охридската архиепископија се наоѓале сите епархии на православната црква надвор од диецезата на Цариградскта патријаршија, а во рамките на Османлиското царство. Тоа значи дека црквите во Молдавија, Далмација, Босна, Херцеговина, Црна Гора, Малта, Сицилија, Калабрија, Апулија и Венеција се наоѓале под јурисдикција на Охридската архиепископија. Состојбата во Царството, посебно со се понеподносливиот товар што паѓал врз грбот на верниците, не можела да го остави рамнодушно свештенството. Михајло Миновски ќе укаже на фактот дека Охридската архиепископија, претворајќи се во бунтовен центар, се повеќе се трудела да го развие кај луѓето христијанското социјално сознание и да создаде кај нив отпор против влијанието на мухамеданската вера. Некои архиепископи, во своите проповеди, се повеќе се навраќале на отпорот против Турците, макар што тие повици, главно, оделе преку поттикнување на поголема љубов кон христијанската вера и љубовта кон неа. Патувањата на архиепископите Доротеј, Прохор, Гаврил и Атанасиј во внатрешноста на Македонија, биле проследени со страсни слова за зачувувањето на верата Христова.

Гаврил Први од Јанина, кој станал архиепископ охридски околу 1572 година, дури направил голема европска турнеја, што започнала пролетта 1586 година со посетата на Москва, со цел, покрај барањето финансиска помош, да се бара и поддршка на христијанството на територијата на Архиепископијата. Со мошне голема придружба, во која имало митрополити, архимандрити, архиѓакони и 13 слуги, Гаврил по Москва ја посетил Полска, каде што се сретнал со кралот Стефан Батори, па оттука заминал за Прага, каде што се сретнал со австрискиот цар Рудолф Втори. Идното лето охридскиот архиепископ, исто така, со голема придружба, го посетил германскиот град Тјубинген, град во кого било мошне силно развиено движењето за соединување на протестантската и православната црква. Високиот, убав архиепископ, секаде бил приман со љубопитство. Тој во разговорите со високите световни и духовни лица на земјите што ги посетувал, го истакнувал незадоволството на христијаните од османлиската власт. Во едно негово сочувано писмо до надвојводата Фердинанд Хабсбуршки од 8 октомври 1587 година, откривајќи го својот антитурски став, Гаврило Први ќе напише: "... понизно да му се помолиме од тиранинот, жеден за крв и прогонител на христијаните, Турчинот, кој нас и нашите предци, од ден на ден, не прогонува и уценува... во цела Македонија, Грција и околните земји..."

Австриско-турската војна особено ги продлабочила намерите на христијаните на Балканот, вклучително и во Македонија, да се кренат на ослободително востание. Црквата во ова движење заземала посебно место. Особено архиепископот охридски, Атанасиј Први, кој во периодот од 1596 па до 1615 година, посетил повеќе европски земји, убедувајќи ги нивните водечки личности дека Македонија ќе се крене на нозе ако добие нивна помош. Атанасиј Први се обидел да воспостави врски со Шпанија и Венеција за да крене востание во Албанија и Македонија, меѓутоа, големите сили секогаш во последен момент тоа го попречувале.

Неколкуте тешки порази на Турција (Сигет 1566, Лепант 1571) ја разбудија надежта кај поробените народи на Балканот дека, можеби, е дојден "нивниот момент". Според еден запис во Скопје луѓето се веселеле и се радувале кога слушнале за поразот на турската флота кај Лепант, та почнале не само да собираат оружје, туку се задоиле дури и со идејата да почнат да лијат мали топчиња. Душанка Шопова ќе посочи на еден турски документ во кој се зборува за тоа оти група бунтовници во Скопско (1572 година) го ограбиле арачот, а во друг документ, пак, само една година потоа, се вели дека во прилепските села Пуста Река, Арилово и Крушево се јавиле немири и оти водачите Толе-војвода, Пејо, Никола, со околу триесет души, се одметнале во планина, и ги убивале турските властодршци. Во летото 1574 година избувнале немири во Охридскиот санџак, четири години потоа, околу 80 души од селата Пуста Река и Дивјаци, Крушевско, се одметнале в планина бунтувајќи се. Според еден црковен запис од 25 јули 1595 година, повторно во Скопско, имало немири од пошироки размери.

На 28 мај 1598 година на архиепископот охридски Варлаам, во Велес му била пресечена главата и телото му било фрлено во Вардар. Според толкувањето на повеќе историчари, проучувачи на скромните податоци што го регистрираат овој настан, повеќе од очигледно е дека во Велес тие денови се случило нешто крупно, кога турските власти се одлучиле јавно да го погубат првиот човек на Охридската архиепископија, кој сосема случајно тие денови се затекол во градот на Вардар. Ако се има предвид дека Варлаам го понесе архиепископското жезло по смртта на Атанасиј Први, и ако се знае колку архиепископот Атанасиј работеше на кревање востание во Македонија и Албанија, тогаш не сме далеку од вистината дека Варлаам во Велес учествувал во некоја поширока акција, зашто Турците, по неговото погубување, презеле низа репресивни мерки врз населението.

Заврши уште еден век. Во новиот, 17. век, Турција влезе со нови војни, долготрајни и исцрпувачки, чие финансирање падна на, и така, оптоварениот грб на населението. Се разбира, и врз населението во Македонија.

Во првата декада на 17. век, самонаречениот Султан Јахја, авантурист и идеалист, кој претставувајќи се како син на султанот Мехмед Трети, и кај се до својата смрт (1649 година) се обидуваше да крене востание и да ги истера Турците од Балканот, за центар на својата активност ја имаше Македонија. Тој прв, откако се разочара во Европа, дојде до констатација дека ослободувањето на балканските народи треба да се потпира и на потиснатите селски маси, кои поради економско-политичката состојба барале излез во вооружена борба.

Неколку проекти во овој век, чии автори беа значајни личности на ова столетие, говорат за нивните настојувања да им помогнат на христијаните во Македонија. Меѓу нив позначајни се шпанскиот проект од 1600-1620 година на Карло Емануел Први Савојски (1606-1609), на тосканскиот дук Казимо Втори Медичи (1606-1611), проектот на францускиот крал Луј 14 (1685-1686) и уште некои.

Од позначајните вооружени протести на Македонците што им претходеле на Мариовската буна од 1688 година и Карпошовото востание, една година подоцна, би ја споменале буната во с. Ѓавато, летото 1639 година, кога селаните се нафрлиле врз мартолозите, кои дошле да го уапсат ајдутинот Белчо, со извиците: "Удрете, денес е нашиот ден!" Тие грабнале "пушки, стрели и остри сабји" и се нафрлиле на дојденците во селото. Притоа биле ранети неколку мартолози, ајдутинот Белчо бил убиен, а еден од водачите на бунтот, Митре Никола, бил фатен и потоа ликвидиран.

Меѓусебната пресметка меѓу крупните феудалци, се поголемите активности на ајдутските и крџалиските дружини (крџалии се одметнати турски војници) ситуацијата во Македонија ја правеле хаотична, при што најмногу страдале христијаните. Дури и самите турски власти признавале дека луѓето се осиромашени до гола кожа, па оттука и наредбата од април 1712 година во која се вели "за две години од рајата во селото Брусник да не се бараат никакви пари и давачки, бидејќи положбата им е мачна".

Ајдутството се повеќе се ширело, наспроти острите казни. Познато е, на пример, дека на истамбулското бродоградилиште во 18. век работеле, главно, осудени ајдути. Во март 1714 година бил осуден на смрт прочуениот ајдутин Миле од Битолско, пред тоа (1709) на ајдутите Петко и Богоја им била изречена казна да им се исече десната рака и левата нога. На иста казна бил осуден и ајдутинот Никола "син на Себрон". ,

Гладот во Битола и Битолско кон крајот на 18. век ги погодил и христијаните и муслиманите. Недостигот на прехранбени продукти ја зголемил нивната цена неколкукратно. На сето тоа долгата суша го изгорела плодот по полето, па во идните месеци последиците биле неминовни - снемало леб. Гладното население се кренало против градските првенци. Во бунтот, главно, учествувале муслиманите, меѓутоа, имало и некои христијани. Ова била една од првите буни на градската сиромаштија во Македонија.

Теророт врз христијаните од страна на новите феудалци, кои се потпирале на платениците - Албанци, достигнал критични граници. Во 1711 година околу илјада арамии од Мат, Албанија, неколкупати ја нападнале Битола. Во 1712 година арамии се заканувале дека ќе ги запалат Ениџе-Вардар и Аврет-Хисар. Албанските арамии во 1715 година ги ограбиле селата околу Прилеп и Велес. Проф. Јаким Синадиновски ќе забележи дека албанските арамии и качарци од Мат и Љума уште при крајот на 16. век, масовно ги напаѓале и ограбувале македонските села во Тетовско, Гостиварско и Дебарско.

Насила населените Албанци во македонските села во Западна Македонија, повеќе векови живееле исклучиво од грабеж. Последиците на овој терор биле миграциите на македонското население и населувањето на Албанците на напуштените македонски огништа.

Првпат името Албанци се споменува во средината на 11. век , кога историчарот Михајло Аталијат (1034-1079) зборува за буната на Латините и Албанците во јужна Италија против Византија. Ана Комнена пишува дека кога нејзиниот татко Алексиј Први го напуштил Драч (1081 година), управата на градот му ја предал на Колискортис од Арбанон. Границите на тогашниот Арбанон се протегале меѓу Скадар, Драч, Охрид и Призрен. Оваа област била матична земја на албанското сточарско население. Во Душановата грамота на манастирот Света Богородица Хтетовска од 1343 година, точно е прецизирана границата меѓу Полог и Призрен: таа се движела по масивот на Шар Планина. Оваа граница се поклопува со границата меѓу Македонија и Дарданија. Според неа Тетовската област и припаѓала на Македонија. Фанула Папазоглу утврдила дека оваа граница се поклопувала со јазичната граница - Дарданија с припаѓала на латинската сфера, а Тетовско на грчката.

Кога станува збор за бунтовна Македонија во 18. век би се задржале на Његушкиот бунт кој, според документите, е кренат кон почетокот на пролетта 1705 година, кога во Његуш требало од градот и од селата да бидат за јаничари одземени 50 момчиња. Незадоволството започнало неколку дена пред децата да ги одведат во Солун. На чело на бунтот застанал мартолозот Зисо Карадимо и неговите двајца синови, Васил и Димитар. При обидот децата да бидат одведени од Његуш, се кренал народот и дошло до бунт во кој побунетите го убиле силахдарот што требал да ги одведе идните јаничари, а потоа побунетите селани се разбегале по планините. Во ова јавно и вооружено движење зеле учество и жени - мајки на децата. Триесет од нив подоцна биле фатени и однесени во Солун, каде што заедно со голем број мажи, биле продадени во ропство. Резултатот на неколкуте потери што ги организирала турската власт бил следен: големата дружина на Зисо Карадимо била разбиена, Зисо бил убиен, неговите два сина заробени, па подоцна во Бер, од страна на судот, биле осудени на смрт со бесење.

Во Његуш пак дошло до буна на Македонците, Власите и Грците од овој град на 12 јуни 1819 година. Побунетите, во соработка со ајдутите, ја нападнале и ја ограбиле судската зграда. Напрегнатата атмосфера траела, речиси, две и пол години. На 3 март 1822 година веќе можело да се зборува за востание во Његуш: востаниците го ликвидирале гарнизонот и го зазеле градот. На чело на Штабот за одбрана на градот се наоѓал ајдутскиот војвода Анастас Каратошо Стариот. Востаниците имале и свое знаме. Тие го нападнале и градот Бер, меѓутоа, не го зазеле. Наспроти тоа, откако биле одбиени три турски напади, востанието добило широки размери, зашто на востаниците им се придружиле многу селани од блиските и подалечни македонски села. Се кренало на нозе и населението од Воденско и Костурско. Востанатиот народ запалил 314 турски чифли-ци и помали села. Употребувајќи тешки топови, по повеќенеделно опкружување на Његуш, турските сили го задушиле востанието. Во градот, како што е речено во еден извештај, биле убиени повеќе од 2.000 луѓе - биле исечени со сабји или предадени на бесилка. Нивните деца и жени биле запленети, нивните имоти конфискувани, а нивните домови биле растурени и предадени "на огнот". Со една наредба од 22 април, сите заробени жени и деца "чиј број се покачил до 450", како што се вели во неа, се испратени во Солун. Поп Стефаниев го запишал она што го видел: "... Лобут паша отиде против нив (против његушани- з.н.), од корен ги запусти; маж жив не остави, а жените и децата ги зеде робје, човек не остана во Његуш, сите куќи ги изгореа, та ни една колиба не остана. Сите мажи Турците под сабја ги поминаа; пискотници и пљачки и таги големи беа!"

Незадоволни од ова, Турците голем број семејства раселиле од Његуш и околината, а некои семејства доброволно се населиле во Србија, Влашко и Австрија. Турските власти набргу потоа во Његуш населиле 151 муслиманско семејство.

Според извештаите на англискиот конзул во Солун од 17 мај 1854 година, постоел план за кревање востание во Македонија, на чие чело би застанал синот на еден од водачите на Његушкото востание од1822 година, Анастас Каратошо Стариот, Димитар Каратошо. Во Грција, каде што избега, работеше на тоа Македонија да се ослободи. Каратошо помладиот требало со своите 500 приврзаници, главно, Македонци, од манастирите на Света Гора да се префрли на копно, на средниот крак на Халкидик. Англичаните и Французите, кои имале информации за ова, ги информирале Турците и овие испратиле илјада башибозлуци на Света Гора, а Франција и Англија, за да с помогнат на турската флота, испратиле свои бродови на помош. Димитар Каратошо се појавил таму каде што најмалку го очекувале. Востаниците освоиле неколку села. Востанието почнало да се шири. Водачот Каратошо издал проглас до сите христијани во Македонија да "ги земат пушките и да удрат по Турците". Целиот простор околу Света Гора бил зафатен од востание. Набргу тоа било задушено, а Димитар Каратошо на 13 јуни 1854 година, заедно со преостанатите востаници, со француски брод, по претходен договор, заминал за Грција.

Една од најголемите буни во Македонија во првата половина од минатиот век била буната на Дервиш Царе, која започнала во Гостивар, есента 1843 година. Дервиш Царе со своите Албанци, го зазел Гостивар, а потоа и Тетово, во првите денови на 1844 година, кое тогаш имало 24.000 жители. Тој во овој град го пренел и својот штаб, претворајќи го во центар на востанието. Кон крајот на февруари 1844 година Дервиш Царе го освоил Скопје, чиј број на жители тогаш се движел околу 36.000, меѓутоа, никогаш не го освоил Калето. Во март под своја команда Дервиш Царе веќе имал околу 10.000 вооружени лица. Брзо потоа паднало и Куманово, па потоа Приштина и Крива Паланка. Во освоените градови востаниците ги укинале легалните турски власти и органи. Против востанатите Албанци тргнал Омер-паша Латас, кој својата офанзива ја започнал од Велес кон средината на месец мај. Кај Катланово на 14 мај започнала решавачката битка: востаниците броеле 8.000 души, а турската војска била за 1.000 души помала, меѓутоа, подобро организирана и подобро вооружена. Борбите траеле до 19 мај 1844 година. Востаниците имале 3.000 мртви, 2.000 ранети и околу 400 заробени, а Турците само 80 мртви. На 21 мај Омер-паша влегол во Скопје. На 25 мај султановите војски на чело со дебарските бегови влегле во Тетово. Францускиот конзул од Солун, Гизо, соопштил: "Братот на Али-паша од Дебар, Али бег, влезе во Тетово без отпор. Тој го зазеде градот во името на султанот, а градот беше значаен по тоа што претставуваше центар на буната" .

Ова се само неколку покарактеристични моменти од постојаниот отпор на населението од Македонија, на македонското население, исто така, против ропството и угнетувањето, социјалната неправда и зулумот за време на турското владеење. Последиците на тој вооружен отпор, на тие поединечни и групни револти, буни и востанија, главно, се сведувале на пустошење, смртни пресуди, продавање во ропство, нови намети. Меѓутоа, безразлично колку тешките последици го погодувале народот, тој никогаш не се откажал од борбата за слобода, што особено ќе се изрази во втората половина на 19. век и првите години на 20. век, кога борбата добива типично национален и типично ослободителен карактер.